Зошто водата е сè уште најдобриот пијалак?

Иако веруваме дека сите сме добро запознаени со препораките за внесување доволно вода во организмот, решивме да понудиме малку подлабоко објаснување зошто всушност е потребно што почесто да го консумираме овој есенцијален пијалак.

Човековото тело е составено од речиси 65% вода и едноставно не може да функционира без неа. Намалувањето на количината на вода во телото од само 2% може да предизвика дехидрација, краткотрајно губење на помнењето и тешкотии во концентрацијата. Ова се само неколку од заканите кон кои го изложуваме нашето тело ако го занемариме правилниот внес на вода.

A сега, на ред се и бенефициите:

Природен лек
Дехидрацијата влијае на крвната циркулација во телото, а проблемот всушност започнува кога ќе почне да слабее и мозочната активност, со што целото тело почнува да се чувствува исцрпено. Водата го одржува дигестивниот систем под контрола и ги чисти отпадните материи, со што го ослободува нашето тело од токсините. Со внесување на доволно количество вода, кожата добива природен сјај. Нема ниту едно медицинско лице кое не се согласува дека водата е темел на здравјето. Таа е едноставно незаменлива за правилно функционирање на телото.

Губење тежина
Водата е битен катализатор за губење на телесната тежина. Иако повеќето од нас го игнорираат нејзиното значење, водата е најверојатно единствениот „магичен“ напиток кој ни помага трајно да ја намалиме нашата телесна тежина. Водата го потиснува апетитот по природен пат и му помага на телото да ги разгради маснотиите. Истражувањата покажуваат дека намалениот внес на вода предизвикува зголемување на масните наслаги.

Помалку болки во нозете и стапалата
Кога не го снабдуваме телото со доволна количина на вода, нашиот организам го гледа тоа како закана за својот опстанок и почнува да ја задржува секоја капка. Водата се складира во надворешните клетки, што се манифестира со отечени стапала, нозе и дланки. Најдобро решение за овој проблем е да му го дадете на телото тоа што бара - повеќе вода.

Ја чисти прекумерната сол
Со внесување на доволна количина вода, му помагаме на телото преку подобрената бубрежна активност да ја исфрли прекумерната и непотребна количина на натриум од организмот.

Водата е најдобро да се пие ладна, затоа што така најлесно се апсорбира. Ако сакате да го подобрите внесот на вода во организмот, не заборавајте да испиете по една чаша при секој оброк, но и помеѓу оброците. Освен тоа, имајте на ум дека кафето со пријателите секогаш треба да биде придружено со Горска :)