ВОДАТА КАКО НЕПРОЦЕНЛИВ ИЗВОР НА ЗДРАВЈЕ

Овојпат ви укажуваме на предностите при консумирањето на водата и на нејзиното влијание врз функционирањето на целокупниот организам.

Водата, како регулатор на многу телесни функции, претставува основен услов за правилно функционирање на телото. Иако најчесто наместо вода консумираме други пијалаци, како на пример разни сокови, кафе или млеко, сепак треба да бидеме свесни дека нема друга течност која може да направи толку позитивни нешта за нашето тело, како што тоа го прави водата.

Повеќето од нас барем еднаш, ако не и повеќе пати, во животот сме биле на диета со цел да се ослободиме од вишокот килограми. Ако и Вие спаѓате токму во оваа категорија, тогаш следниот пат кога ќе се одлучите да ја редуцирате исхраната, обидете се да консумирате што е можно повеќе вода. Тоа ќе го забрза вашиот метаболизам и ќе го намали апетитот, ќе направи да се чувствувате сито, а килограмите ќе ги стопите со голема леснотија. Па затоа, осигурете се дека пред секој оброк ќе се напиете чаша вода.

Консумирањето вода нема да придонесе само за подобрен надворешен изглед. Тоа е исто толку неопходно и за правилна работа на внатрешните органи. За бубрезите, срцето, мозокот и стомакот да ги извршуваат правилно своите функции, тие мора да бидат редовно хидрирани. Дехидрација е всушност една од главните причини за запек, камен во бубрег, главоболки и други физички нарушувања, па токму затоа погрижете се да имате шише со вода секогаш при рака. Со цел да се намали ризикот од некои од овие проблеми, се препорачува да се пие помеѓу 1,5-2 литра вода која исто така ќе направи вашата кожа да биде еластична и почиста, а тоа ќе придонесе да изгледате и подмладено. Звучи неверојатно, зарем не? Толку едноставна работа која решава толку многу проблеми со кои упорно се обидувате да се изборите.

Ако чувствувате замор во текот на денот или едноставно сте расеани, најверојатно вашето тело е во одредена мера дехидрирано, што може да доведе до грчеви во мускулите и вртоглавица. За да се спречи ова, испијте една чаша вода веднаш кога ќе се разбудите, една по појадокот, ручекот и вечерата, и по една помеѓу оброците и никако не заборавајте да си налеете уште некоја чаша за време на физичка активност, затоа што токму тогаш на вашето тело му е најпотребна вода за да се регулира телесната температура.

Не заборавајте да пиете секојдневно најмалку 8 чаши вода, а секој следен ден ќе забележувате сè повеќе подобрувања кај вашето тело.