Горска Вода,Тинекс и Дени Интернационал во хумана акција за поплавените места во Србија

На иницијатива на компанијата Тинекс, во соработка со Горска Вода и Дени Интернационал, караванот од 10 шлепери со вода, под слоганот „Тинекс, Горска Вода и Дени Интернационал во хумана акција за помош на Србија“ вчера беше пратен во Црвен Крст Србија, како донација за жителите од местата зафатени од страшните поплави во Србија.

Трите здружени компании, неостанувајќи рамнодушни на природните непогоди со кои се соочуваат илјадници граѓани во соседна Србија, се организираа и несебично подадоа рака на соседите донирајќи 10 шлепери вода, односно околу 226.800 литри. Поточно, компаниите Горска Вода и Тинекс донираат по 5 шлепери вода, а транспортот и логистиката го обезбеди Дени Интернационал.

Овие  компании како општествено одговорни, со ова дело пренесуваат порака дека хуманоста не бира граници, националности, општествени определби, туку таа е човечко дело кое помага онаму каде тоа е најнеопходно.

Од селото Конопиште, близу Кавадарци, каде се наоѓа фабриката на Горска Вода, на 21.05 на пладне, натоварените шлепери се упатија кон Белград, каде водата ќе биде предадена на Црвениот Крст Србија и адекватно распределена во сите згрижувачки центри.

„Потполно разбирајќи ја тежината на ситуацијата во која се најдоа нашите соседи, не можевме да останеме имуни и да не се вклучиме во акцијата за помош на сите настрадани во поплавените места кои со денови се борат против водената стихија. Во момент кога демне стравот од ширење на епидемија на разни заразни болести со повлекувањето на надојдените води, и кога најмногу од сè е потребна чиста вода за пиење, се надеваме дека количината на Горска вода која нашата компанија ќе ја донира, барем малку ќе го олесни справувањето со големата природна катастрофа” – изјави Кристина Aрсовска, маркетинг директор на Горска.

Бренд Директорката Цветанка Христовска вели дека компанијата останува будно да ја следи ситуацијата кај северниот сосед и доколку е потребно ќе пружи повторна помош.

„Хуманоста не бира граници, националности, општествени определби, туку таа е човечко дело кое помага онаму каде тоа е најнеопходно. Неостанувајќи рамнодушни на природните непогоди кои ја зафатија Србија организираме хумана акција за луѓето од поплавените места. Донацијата се состои од 10 шлепери вода од кои 5 ги донира Тинекс, а 5 Горска Вода, а делот околу транспортот и логистиката го обезбеди Дени Интернационал. Воедно, им благодарам на Горска Вода и Дени Интернационал за брзиот одговор и поддршката за нашата иницијатива и се надевам дека вака здружени ќе бидеме од голема помош“, изјави Цветанка Христовска, Бренд Директор на Тинекс.